AO3 News

Post Header

Од 3 мај, OTW (Организацијата за трансформативни дела) - непрофитната организација зад Archive of Our Own - AO3 (Наша сопствена архива), Фанлор и други проекти - се справува со напади насочени кон организацијата и нејзините волонтери.
Сакавме да споделиме со Вас дел од она што се случува, како и она што го правиме за да го запреме тоа и како тоа може да влијае на времето на нашите одговори на Вашите прашања и воопшто на нашата работа. Пред сѐ, сакаме да Ве замолиме за трпение, бидејќи ова е комплициран период за сите нас во OTW.

Непознат напаѓач испраќа заканувачки пораки преку е-пошта со нелегален материјал со сексуално малтретирање на деца (child sexual abuse material, CSAM), нешто што е пријавено кај неколку полициски органи.

Овие напади не влијаеа на корисничките сметки на AO3 или други проекти на OTW или на податоците за донатори на OTW. Моментално немаме никаква причина да веруваме дека адресите на е-пошта или други приватни податоци на корисниците како било поврзани со AO3 или кои било од нашите други проекти се откриени за какви било надворешни злонамерни дејствувачи.

Веќе ги известивме надлежните агенции и бараме правни совети за тоа како најдобро да продолжиме понатаму. Заштитата на нашите волонтери и на оваа истрага моментално ни е најголемиот приоритет, што значи дека ги исклучивме неколку од внатрешните алатки кои се потребни за ефикасното вршење на нашата работа. Ова го направивме со цел подобро да ги заштитиме нашите волонтери од понатамошни закани.

Како последица на ова, промените и известувањата кои беа планирани за следните неколку недели веројатно ќе се одложат. Може да очекувате доцнење во одговорите на сите тимови на OTW. Ве молиме имајте на ум:

  • Планираните промени за Dream SMP фандомите на тимот за Уредување на ознаки на AO3 ќе бидат одложени. Новите ознаки нема да бидат уредени сѐ до понатамошен датум.
  • Одговорите на тимовите на AO3 за Корисничка поддршка, Open Doors (Отворени врати) и Правила и злоупотреба најверојатно ќе траат многу подолго од вообичаено. Истото важи и за тимовите на Фанлор.
  • Одговорите на прашања упатени до OTW Правниот оддел, вклучувајќи и известувања поврзани со Законот за зашитита на авторски права во дигиталниот милениум (Digital Millennium Copyright Act), може да бидат одложени.
  • Подароците за донации на OTW може да бидат одложени.
  • Регрутирањето на OTWе одложено до понатамошен датум.
  • Распоредот на објави за социјални медиуми ќе биде намален за повеќето канали.

Нема промени за следното:

  • Временската рамка за Изборите на OTW ќе остане непроменета.
  • Поканите за AO3 за нови корисници се испраќаат како и вообичаено.

Ве молиме за трпение во овој период. Се трудиме да го одржиме што е можно подобро функционирањето на нашите проекти, истовремено обидувајќи се да ги заштитиме нашите волонтери - без кои ниеден од овие проекти не би постоел. Ви благодариме за Вашето разбирање и поддршка.

(Една последна забелешка: за сега ја исклучивме можноста за коментирање на сите наши објави за вести поради безбедносни причини. Доколку е потребно да стапите во контакт со нас, Ве молиме користете го образецот за корисничка поддршка и повратни информации, но имајте на ум дека е веројатно одговорите да доцнат.)


OTW е непрофитната матична организација на повеќе проекти вклучувајќи ги AO3, Фанлор, Отворени врати, TWC и Правната поддршка на OTW. Ние сме организација предводена од фанови, која е целосно поддржана од донации и волонтерски персонал. Дознајте повеќе за нас на веб-страницата на OTW. За да дознаете повеќе за нашиот тим од волонтерски преведувачи кои ја преведоа оваа објава, погледнете ја страницата на Преведување..